СТРАВОТ НЕ МЕ СОПИРА, ТУКУ МОТИВИРА, ВЕЛИ 17-ГОДИШНИОТ СТЕФАН ТРЕНЕСКИ, КОЈ ПОБЕДИ НА ТРКИ ОД ФОРМУЛА 4 ВО ЧЕШКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Стефан Тренески (17) од Скопје победи на трките од Формула 4 ЦЕЗ на патеката Мост во Чешка. На трката учествуваа млади тркачи од Чешка, Словачка, Австрија, Германија и други земји. Формула 4 ЦЕЗ е првенство во кое учествуваат професионални тимови од Германија, Швајцарија, Унгарија, Австрија и Чешка.

„Победив во Формула 4 ЦЕЗ академијата, престижна програма дизајнирана да идентификува и негува млади автомобилистички таленти во Централна Европа. Академијата вклучува сеопфатна обука, како симулаторски сесии, физичка и ментална подготвеност и практично возење на Формула 4 болидите. На тој начин обезбедив стипендија за учество во целата сезона на Формула 4 ЦЕЗ шампионатот за 2026, во која ќе има 12 трки во Австрија, Словачка и Чешка“, вели Тренески.

Тој од мал сонувал да стане професионален тркач, а во 2023, кога имал 15 години, почнал професионално да се натпреварува во виртуелни натпревари за британскиот тим Брабам моторспорт.

„Покрај е-натпреварите, дебитирав во Рено твинго Еврокупот на патеката Муџело во Италија кога имав 16 години. На крајот на 2024 гпобедив во проектот ‘Формула стар’, што ми обезбеди место во годинашнава сезона на Рено твинго Еврокупот“, вели младиот тркач.

Посебно задоволство му е што годинава е промотер и амбасадор на ‘Формула стар’, програма за млади таленти.

Тренески победи на трките од Формула 4 ЦЕЗ на патеката Мост во Чешка, на кои учествуваа млади тркачи од Чешка, Словачка, Австрија, Германија и други земји (Фото: Приватна архива)

„За мене, автомобилизмот не е само спорт, тоа и начин на живот. Тоа е моментот кога воспоставувам контакт со себеси и се чувствувам целосно исполнето. Секако дека имало моменти на страв. Тоа е нормално кога си на граница на своите способности, кога брзината и ризикот се секојдневие. Но, никогаш не сум посакал вистински да се откажам. Напротив, токму тие тешки моменти ме потсетуваат зошто го сакам ова, предизвикот ме мотивира да бидам подобар, посилен и попосветен. Стравот не ме сопира, туку ме мотивира. Откажување никогаш не ми било опција“, вели средношколецот.

Досега тој бил на натпревари на патеки каде што возат и Формула 1 тимови и оваа сезона ќе учествува на натпревари на други познати патеки во Европа.

„Учеството во Формула 4 ЦЕЗ шампионатот бара значителни финансиски инвестиции, за подготовка на болидот, патување, сместување, тимска поддршка. Со победата на академијата делумно обезбедив средства од стипендија, но тоа не е доволно и затоа ми се потребни средства од спонзори, со кои преговорите се во тек“, вели Тренески.

За мене, автомобилизмот не е само спорт, тоа е начин на живот, вели Тренески (Фото: Приватна архива)

Тој е ученик во меѓународно училиште „Нова“. Во текот на денот има два кондициони тренинзи и поминува по неколку часа на симулатор.

„Сето тоа е паралелно со училишните задачи и подготовки. Воопшто не е лесно да се комбинираат сите обврски, но јас уште од петгодишна возраст сонував да станам професионален автомобилист, така што нема никогаш да се откажам. Треба добра организација и дисциплина за да се стигне до врвот“, ни рече Стефан Тренески.

М. ЏАРОВСКА