Том Хенкс и сопругата Рита Вилсон и официјално станаа грчки државјани откако премиерот Кирјакос Мицотакис им ги врачи новите пасоши.
Холивудската двојка и нивните деца добија почесно државјанство на Грција лани, како благодарност за нивниот ангажман по катастрофалните пожари покрај Атина во 2018 година, во кои загинаа над 100 луѓе.
„Том Хенкс е личност која искрено покажа интерес за луѓето кои настрадаа во пожарот во Мати и го промовираше проблемот во светските медиуми“, кажа министерот за внатрешни работи Такис Теодорикакос.
Вилсон, која делумно има грчко потекло, и Хенкс, кој се преобрати во грчки православец, често го поминуваат својот одмор во Грција, при што поседуваат имот на островот Антипарос.
„Јас сум Грк веќе 32 години. Грција е рај. Сум патувал низ цел свет, сум посетил некои од најубавите места, но ништо не се споредува со Грција. Тоа место ја зацелува душата“, изјави Хенкс во почетокот на годината.