Оливија де Хавиланд почина вчера во Париз на 104 години и со тоа се прекина последната врска со таканареченото златно доба на Холивуд.

Но, Де Хавиланд беше многу повеќе од само уште една холивудска легенда, која многумина ја препознаваат како Мелани Хамилтон од класикот „Однесено од виорот“ од 1939 година. Во времето кога тоа беше незамисливо, таа го крена својот глас против моќните холивудски студија и се избори нејзините колеги и колешки да се ослободат од своевидниот робовски статус.

Како Мелани Хамилтон во „Однесено од виорот“

Нејзините настојувања да добива посериозни улоги во почетокот на 1940-ите биле попречувани од „Ворнер брос“, кое, како и останатите студија, имало целосна контрола врз своите ѕвезди. Откако ѝ се заканиле дека ќе биде казнувана за улогите што ги одбива, таа го тужеше „Ворнер брос“ и Врховниот суд на Калифорнија пресуди во нејзина корист, од што произлезе Законот на Де Хавиланд, со кој беше олеснет притисокот на филмските студија врз актерите.

Де Хавиланд освои оскар за најдобра актерка во 1947 и 1950

Иако во следните две години не сними ниеден филм, нејзината кариера набргу потоа процути и освои два оскара, во 1947 и 1950 година.

Во следната деценија, Де Хавиланд се пресели во Париз и повеќе му се посвети на семејството, а спорадично глумеше до крајот на 1980-ите. Таа веќе беше во десеттата деценија од животот кога ги прими највисоките признанија од Џорџ Буш и Никола Саркози, а на 101 година ја доби и титулата дејм.

Со Бет Дејвис во „Тивко, тивко, слатка Шарлот“ од 1964

Де Хавиланд беше последниот жив член на актерската екипа на „Однесено од виорот“. Во 2015 призна дека сѐ уште го гледа филмот одвреме-навреме со цел да се поврзе со своите бивши колеги.

На 75. Оскари во 2003 година (Фото: Гети)