ТРАНССЕКСУАЛКА ПРВПАТ ЌЕ СЕ БОРИ ЗА ТИТУЛАТА МИС УНИВЕРЗУМ

Мадрид. (Дејли мејл)

Анхела Понсе испиша историја откако беше избрана за Мис Шпанија, бидејќи со тоа стана прва транссексуалка која ќе се бори за титулата Мис Универзум.

Дваесет и шестгодишната Понсе од Севилја победи 22 противкандидатки на националниот избор и сега ќе ја претставува својата земја на престижното натпреварување, што ќе се одржи во Филипини кон крајот на годината.

„Можноста да ги претставувам името и знамето на Шпанија на овој избор беше мој голем сон. Мојата цел е да бидам портпаролка на пораката за вклучување, почит и различност не само на ЛГБТ-заедницата, туку и на целиот свет“, напиша Понсе на Инстаграм по победата.

Во 2012 година, организацијата Мис Универзум ја укина забраната за учество на трансродови личности во изборот. Организацијата, која тогаш беше во сопственост на Доналд Трамп, донесе ваква одлука, откако беше соочена со тужба од трансродов модел Јулија Талачкова.

Анхела вели дека од рана возраст знаела дека е различна.

„Најважно е што моите родители од старт ме поддржуваа, дури татко ми се играше со куклите со мене. На 11 години почнав да истражувам и дознав што е транссексуалност. Тогаш ја почнав борбата за она што навистина сум“, вели Понсе, која во 2014 година направила операција за да ја комплетира својата транзиција.