ЏОН МАЛКОВИЧ ЌЕ ГЛУМИ СО ЏУД ЛО ВО „НОВИОТ ПАПА“

Лос Анџелес, (Вараети)

Џон Малкович потпиша договор да глуми покрај Џуд Ло во ТВ-серијата „Новиот папа“, која е продолжение на „Младиот папа“, по сценарио и режија на Паоло Сорентино.

Претходно беше соопштено дека серијата, која е оригинална продукција на Ејч-Би-О и на италијанската Скај, нема да има втора сезона. Место тоа, како што рекоа продуцентите, ова е нова лимитирана серија на Сорентино, поставена во светот на модерното папство.

Ло во „Младиот папа“ го глумеше Лени Белордо, кој го зеде името Пиј 13, кога стана прв американски папа во историјата.

Сѐ уште не е познато дали Ло ќе ја повтори таа улога, со оглед на неизвесноста за иднината на ликот на крајот на првата серија. Се шпекулира дека Малкович ќе го игра новиот папа, иако не е објавен официјален опис на улогите.

Малкович, двапати номиниран за Оскар, е првенствено познат по филмски улоги и „Новиот папа“ ќе биде негово ретко појавување во ТВ-продукција. Снимањето треба да започне во Италија во ноември.

„Младиот папа” дебитираше на Скај во октомври 2016, а потоа на Ејч-Би-О во јануари следната година.