„Игра на тронови“ не е само најпопуларна серија на светот и културно-медиумски феномен, туку и толку огромен бизнис и успешен бренд, што тешко може да се процени колку пари носи.
„Станува збор за илјадници производи, разни работи низ цел свет. Толку сме зафатени, што немаме време да запреме и пресметуваме“, вели Џеф Питерс, потпретседателот на одделот за лиценцирање на Ејч-Би-О.
Од вино и пиво преку играчки и шминка до соработка со компании за висока мода, „Игра на тронови“ стана глобална сопственост.
„Винтиџ вајн истејт“ од Калифорнија пред три години почна да произведува официјално вино „Игра на тронови“.
„Имаме нарачки за виното од повеќе од 40 држави, тоа е неверојатно“, вели извршниот директор на компанијата Пет Рони.
Тури по локациите на снимањето во Хрватска и Ирска дадоа голем поттик за малите локални економии.
„Најпозитивен пример е Северна Ирска, која не е така често на радарот на туристите. Серијата стана главен столб на тамошниот туризам“, вели Ендрју Алеј од „ТрипАдвајзор“.
Дури и „Адидас“ исфрли специјална колекција патики „Игра на тронови“, серијата инспирираше и посебни верзии на игрите „Монопол“ и „Ризико“, но и рачни чанти и пиво.
Колку пари се заработува од брендот? Многу! Никој не знае точно, освен, можеби, Ејч-Би-О.