АМЕРИКАНСКИ ПОЛИТИЧАРИ ВО ПАНИКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА НОВОТО ШОУ НА САША БАРОН КОЕН

Лос Анџелес, (АП/Ројтерс)

Неколкумина американски политичари со доза на паника ја очекуваат вечерашната премиера на „Кој е Америка?“, новото шоу на британскиот комичар Саша Барон Коен, за потребите на кое тој измисли неколку нови лика, кои на сатиричен начин го прикажуваат политичкиот и културен живот на САД во ерата на Доналд Трамп.

„Шоутајм“ одржа специјална проекција за медиумите на првата од седумте епизоди, во која Коен, меѓу другите, го глуми израелскиот антитерористички стручњак Еран Морад, кој бара поддршка од двајца американски конгресмени за неговиот лажен проект за обука на деца од градинки да ракуваат со оружје. Во видеото, републиканците Дејна Рорабахер и Џо Вилсон ентузијастички ја поддржуваат оваа идеја.

По Сара Пејлин, и поразениот кандидат за Сенатот, Рој Мур, откри дека бил жртва на Коен во шоуто и се закани дека ќе го тужи. Мур кажа дека се согласил на платен пат до Вашингтон во февруари, очекувајќи да прими награда за неговата поддршка на Израел.

„Јас не знаев дека Саша Барон Коен или ‘Шоутајм‘ планирале да го понижат, засрамат и исмеваат не само Израел, туку и други религиозни конзервативци, како Сара Пејлин, Дик Чејни и Џо Волш“, изјави Мур.

Поранешниот шериф и кандидат за Сенатот од Аризона, Џо Арпајо, вели дека мислел оти учествува во шоу за најславните 20 личности во САД. На него Коен му се претставил како фински актер.

„Не знам дали ќе го тужам. Ако излезе добро, можеби ќе им пратам благодарница“, изјави 86-годишниот Арпајо.