ОД ПОЧЕТОКОТ НА РУСКАТА ИНВАЗИЈА ПОРАСНА ИНТЕРЕСОТ ЗА ТВ-СЕРИЈАТА СО КОЈА СЕ ПРОСЛАВИ ЗЕЛЕНСКИ

Лондон, (АП)

Бројни држави ги откупија правата за комичната ТВ-серија „Слуга на народот“, со која Володимир Зеленски се прослави глумејќи украински претседател пред навистина да стане украински претседател.

Во 2015, кога сè уште беше само актер и комичар, Зеленски го глумеше Васили Петрович Голобородко, средношколски професор кој станува претседател откако на интернет се прошири студентско видео во кое ја напаѓа корупцијата на власта. Серијата со три сезони беше хит во Украина и беше снимен спиноф филм, а интересот за неа повторно порасна откако Зеленски стана лицето на нацијата кое ѝ пркоси на руската инвазија.

„Продажбите драматично пораснаа во изминатите денови. Интересот за серијата е неверојатен. Таа веќе е доста стара серија, но имајќи ги предвид сегашните околности, стана многу, многу интересна за многумина“, изјави Никола Седерлунд, партнер во компанијата „Еко рајтс“, која е дистрибутер на серијата.

„Ченл 4“ објави дека ги откупил правата за Велика Британија, а договори биле постигнати и со ТВ-куќи од Блиски Исток, Грција, Романија, Бугарија, Молдавија, Естонија, Франција, Финска и Грузија.