СЗО ПРЕПОРАЧА МАКСИМАЛНА ЈАЧИНА ЗА БЕЗБЕДНО СЛУШАЊЕ МУЗИКА НА КОНЦЕРТИ И ЗАБАВИ

Женева, (Ројтерс)

Младите луѓе се соочуваат со губење на слухот поради прегласната музика на места како ноќни клубови и концерти, предупреди Светската здравствена организација и препорача глобален стандард за безбедно слушање.

Според СЗО, речиси 40% од луѓето на возраст од 12 до 35 години во земјите со средни и високи приходи се изложуваат на потенцијално штетни нивоа на звук во ноќни клубови, дискотеки и барови. Таа препорача максимална просечна јачина на звук од 100 децибели.

„Ризикот од губењето на слухот се засилува поради фактот што повеќето аудиоуреди, сали и настани не обезбедуваат опции за сигурно слушање“, вели Бенте Микелсен, директорот на одделот за незаразни болести во СЗО.

СЗО исто така препорача следење на нивоа на звук во живо и поставување „тивки зони“ во местата.