Бугарскиот актер Јулиан Костов ќе го замени Милош Биковиќ во третата сезона на популарната серија на Ејч-Би-О, „Белиот лотус“. Костов ќе го игра рускиот спа гуру Валентин, а Ејч-Би-О му ја одзеде улогата на Биковиќ откако украинското министерство за надворешни работи ја критикуваше ТВ-мрежата бидејќи тој отворено ја поддржувал руската инвазија на Украина.
Биковиќ доби руско државјанство во 2021, а Владимир Путин му го додели медалот „Пушкин“ за неговиот придонес кон руските култура и уметност.
„Пораснав во земја разурната од војна. На 11-годишна возраст со денови и ноќи се криев во засолништа додека мојата татковина и мојот роден град беа бомбардирани. И никогаш не би можел никому да посакам таков пустош. Започната е кампања против мене, навидум како надворешен маневар за влијание врз одлуките што можат да создадат вознемирувачки преседан кој ја засенува суштината на уметничката слобода. Резултатот од таквиот наратив е триумфот на апсурдот и поразот на уметноста“, изјави Биковиќ, кој сепак ќе добие хонорар од Ејч-Би-О, за кој кажа дека ќе го донира.
Костов (34) има развиено кариера во Велика Британија, а глумеше Русин во првата сезона на серијата на „Нетфликс“, „Сенка и коска“.
Снимањето на третата сезона на „Белиот лотус“ ќе почне овој месец, ќе се случува во Тајланд, а премиерата ќе биде во 2025.
(Фото: Вајримиџ)