„ДАЈТЕ МУЗИКА“ СО НОВИ ЕПИЗОДИ СЕ ВРАЌА НА МТВ НА 16 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Едукативно-музичкиот серијал „Дајте музика“ следната недела се враќа со нови епизоди на програмата на Македонската телевизија. Првата епизода од популарната серија што се возобновува по цели 27 години ќе се емитува на 16 октомври (среда) од 19 часот. Термините на епизодите ќе бидат среда, четврток и петок од 19 часот.

Во копродукција на Македонската радио телевизија и продукцијата „Рифенштал” снимени се нови 30 епизоди, чии автори се Лазар и Цаци Паковски. Најголем дел од протагонистите се од актерската школа на Весна Петрушевска, која е и инструктор по актерска игра во проектот, а режијата е на Лазар Паковски и Владимир Митревски.

Она што пред 27 години беа Трајче, Сара, Наташа, Раде и Оливер во новиот серијал ќе бидат Јован, Филип, Наташа, Саша и Кики, а учествуваат и дваесетина други деца на возраст од шест до 11 години.

Новите детски хитови ги потпишуваат Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други. Во серијалот ќе се појават и познати домашни музичари, како Каролина, Тамара, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Лозано, Елена Ристеска, Дарио, Дани и „Нокаут“, улогата на мајстор ја толкува Ѓокица Лукаревски, полицаец е Нино Леви, а гостуваат и други актери и познати македонски спортисти.