Сериите „Следоред“ (Succession), „Мечка“ (The Bear) и „Кавга“ (Beef) се големите победници на 75. доделување на телевизиските награди Еми, кое се одржа со четири месеци одложување поради штрајкот на холивудските актери и сценаристи.
„Следоред“ по третпат е прогласена за најдобра драмска серија и освои вкупно седум награди, меѓу кои и за актерите Киран Калкин (главна машка улога), Сара Снук (главна женска улога) и Метју Мекфејден (споредна машка улога).
„Со голема тага ја завршивме серијата, но беше големо задоволство да се работи на неа“, изјави нејзиниот креатор Џеси Армстронг.
Во конкуренција на хумористични серии, апсолутен триумф оствари „Мечка“, која однесе дури десет награди од 13 номинации. „Мечка“, која имаше премиера во јуни 2022, е избрана за најдобра комедија, а награден беше и главниот актер Џереми Ален Вајт, како и Ебон Мос-Бакрак и Ајо Едебири за споредни улоги.
„Кавга“ освои Еми за најдобра минисерија, заедно со главните актери Стивен Јеун и Али Вонг.
Една голема награда имаше и за серијата „Основното училиште Ебот“ откако Квинта Брансон беше прогласена за најдобра актерка во комедија.
Фото: „Следоред“ по третпат е прогласена за најдобра драмска серија (Фото: АП)