ЏЕМА ДОНОВАН ДОБИ УЛОГА ВО СЕРИЈАТА ШТО ГО ПРОСЛАВИ НЕЈЗИНИОТ ТАТКО ЏЕЈСОН ДОНОВАН

Мелбурн, (Би-Би-Си)

Џема Донован тргнува по стапките на својот татко, австралискиот актер и пејач Џејсон Донован, и ќе ѝ се придружи на серијата „Соседи“.

Педесетгодишниот Донован играше во повеќе од 400 епизоди од серијата, од 1986 до 1989 година, пред да почне музичка кариера, станувајќи една од најголемите поп ѕвезди во тој период.

Неговата 18-годишна ќерка Џема ќе стане дел од екипата во јули. Нејзиниот дедо и татко на Џејсон, Теренс Донован, исто така, со години играше во една од најдолговечните серии на светот, која се емитува од 1985 година и ја лансираше и кариерата на Кајли Миног.

„‘Соседи‘ беше отскочна штица за многу кариери и сѐ уште е популарна. Ова ќе биде трета генерација Доновани на улицата Ремзи. Едвај чекам да видам што ќе направи Џема со својата улога. Многу сум горд на неа“, изјави Донован.

Тој издаде шест албуми откако ја напушти серијата, последен во 2012 година и сѐ уште глуми повремено.