НОВИОТ ПОЛНАЧ НА „ШАОМИ“ ЈА ПОЛНИ БАТЕРИЈАТА НА СМАРТФОН ЗА 17 МИНУТИ

Пекинг, (Мешабл)

Батериите за смартфони стануваат сѐ подобри, но и натаму во најдобар случај не траат повеќе од ден и пол до два.

Затоа технологијата на полнење напредува со голема брзина. Кинеската компанија „Шаоми“ претстави 100-ватен полнач, кој може целосно да наполни здрава батерија на смартфон за само 17 минути.

Претседателот на „Шаоми“ Бин Лин покажа демонстрациско видео, во кое нивниот нов полнач беше спореден со оној на „Опо“, кој моментално ја има најбрзата технологија на полнење. Уредот на „Шаоми“ до максимум наполни телефонска батерија за 17 минути, додека 50-ватен полнач на „Опо“ стигна до 65% за исто време. Уште поимпресивно, полначот на „Шаоми“ го наполни телефонот до 40% за само пет минути.

Иако оваа технологија сѐ уште не е достапна, од компанијата велат дека ќе може да се примени на телефоните што сега се купуваат.