„ДИЗНИ“ ЌЕ МУ КОНКУРИРА НА „НЕТФЛИКС“ СО „ДИЗНИ+“ И НАЈАВИ ДВЕ НОВИ ГОЛЕМИ СЕРИИ

Лос Анџелес, (Гардијан)

„Дизни“ објави дека името на неговиот сервис за видеостримање ќе биде едноставно „Дизни+“ и тој треба да му биде сериозна конкуренција на „Нетфликс“, во прилог на што се најавени и неколку нови големи проекти.

Извршниот директор на компанијата Боб Ајгер кажа дека тој ќе биде лансиран во САД кон крајот на наредната година.

Планови за овој сервис постојат од 2017 година, кога „Дизни“ првпат најави дека ќе ја раскине соработката со „Нетфликс“ и оттаму ќе ги повлече сите свои содржини, што ги вклучува класиците на „Дизни“, анимираните филмови на „Пиксар“, универзумот на „Марвел“ и франшизата „Војна на ѕвездите“. Сето ова отсега ќе се прикажува на „Дизни+“.

Од новите проекти, Диего Луна ќе ја репризира улогата на Касијан Андор од „Роуг 1: приказна од војна на ѕвездите“ во нова серија, што временски ќе му претходи на овој успешен филм. Тоа ќе биде втора серија поврзана со „Војна на ѕвездите“ на овој сервис.

Исто така, мрежата ја потврди и серијата за Локи, со Том Хидлстоун во насловната улога.