„ТОА СУМ ЈАС“ – ИЗЛОЖБА НА ГРАФИКИ ОД ДУДЕСКИ ВО МАЛТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметникот Хари Дудески во Малта, чиј главен град Валета годинава е Европски град на културата, се претстави со изложбата на графики „Тоа сум јас“.

Дудески, кој е сликар, графичар и дизајнер, претстави концепт на визуелизација на македонското знаме, и тоа преку 12 варијанти, како асоцијација на 12 месеци во една година.

„Низ промена на сегментите на знамето, како круцијален симбол на еден идентитет, изложбата е приказ на препознатливоста во тој македонски идентитет, како и на чувството на припадност во тоа себепрепознавање низ годините кои се живеат во нам познатите околности“, вели организаторот на изложбата, Форумот за демократска Македонија во Малта.