Ејч-Би-О најави дека ќе емитува документарен филм за „Игра на тронови“ по завршувањето на серијата. „Игра на тронови: последната стража“ е документарец од два часа, што ќе се прикаже на 26 мај, една недела после последната епизода.

Во режија на Британката Џини Финлеј, филмот ќе се однесува на снимањето на последната, осма сезона, како и на нејзините искуства од едногодишното присуство на сетот.

Според Ејч-Би-О, „документарецот навлегува длабоко во калта и крвта, за да ги открие солзите и триумфите во предизвикот да се оживее фантастичниот свет на Вестерос во многу реалистични студија, полиња и паркинзи во Северна Ирска“. Исто така, ќе овозможи и досега невиден пристап кон актерите и тимот на серијата.

Последната сезона на „Игра на тронови“ почнува на 14 април.