Ѕвездата на ТВ-серијата „Вовед во анатомија“, Елен Помпео, вели дека била фрустрирана кога нејзиниот лик Меридит Греј бил втурнат во нова љуовна авантура веднаш по смртта на сопругот д-р Дерек Шепард, кој го игра Патрик Демпси. Врската помеѓу Меридит и Дерек траеше 11 сезони, пред тој да загине.

„Мастилото на документите за излез на Патрик Демпси од серијата не беше исушено, а веќе ми предложија ново момче, Нејтн Ригс. Бев на одмор на Сицилија по долгата работа, а тие ми ѕвонеа постојано и ме прашуваа ‘што мислиш за овој, што мислиш за оној‘ и ми праќаа слики. Не можев да верувам колку брзо студиото и мрежата почувствувале потреба да внесат пенис таму“, вели Помпео.

Ликот што го игра Мартин Хендерсон е отпишан на почетокот на 14. сезона.

Помпео сега е платена 575.000 долари по епизода, со што е највисоко платена актерка во драма која оди во ударно време. Креаторката на серијата Шонда Рајмс вели дека „Вовед во анатомија“ ќе заврши тогаш кога ќе сака Помпео.

„Вовед во анатомија“ денеска се враќа на Еј-Би-Си.