ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ ЗА „ЦРНАТА ВДОВИЦА“ СО СКАРЛЕТ ЈОХАНСОН

Лос Анџелес, (Вараети)

Студиото „Марвел“, конечно, почна со подготовки за долгоочекуваниот филм „Црната вдовица”, со Скарлет Јохансон во главната улога.

Студиото ја ангажираше сценаристката Џек Шефер, а повеќе детали, како што пишуваат холивудските медиуми, не се познати, бидејќи филмот е во рана фаза.

Директорот на „Марвел“, Кевин Фејџ, се сретнал со неколку кандидати пред да ја ангажира Шефер, додека, пак, повеќе продуценти од филмското студио разговарале со Јохансон за тоа што бараат од сценаристот на „Црната вдовица”.

Јохансон првпат се појави како Наташа Романоф (Црна вдовица) во 2010 година, во „Ајронмен 2“ со Роберт Дауни Џуниор.

Актерката потоа ја репризираше својата улога во четири филма, меѓу кои и „Тор: Рагнарок“. Нејзиниот лик ќе се врати во „Одмаздници: војна на бесконечноста“, чија премиера е најавeна за 4 мај годинава.