Актерката Емилија Кларк откри дека гледала видеа од диктатори, меѓу кои и од Адолф Хитлер, за да се подготви за нејзиниот последен говор како Денерис во ТВ-серијата „Игра на тронови“.
Во последната епизода од серијата, откако презеде контрола над Кингс лендинг, новата владетелка-диктаторка ѝ се обрати на својата војска на два измислени јазици, дотракиски и валириски. За да ги усоврши говорот и настапот, Кларк, како што изјави за „Вараети“, „анализирала диктатори и моќни лидери кои говореле на различни јазици“, за да види дали тие што слушаат можат да ги разберат тонот и темата на говорот без да го познаваат јазикот.
„Видов дека може. Можете да го разберете Хитлер што зборува, како и сите други фокусирани оратори на различни јазици. Си помислив, ако верувам во секој збор што ќе го изговорам, гледачите нема да мора да гледаат толку многу во преводот“, изјави 32-годишната Кларк во интервјуто.