СЛИКАТА „ЛЕОПАРД“ НА 14-ГОДИШНАТА АНГЕЛА ПЕТРУШЕВСКА ДОБИ НАГРАДА НА СВЕТСКОТО БИЕНАЛЕ ВО ЈАПОНИЈА

Скопје,(СМАРТ СДК.МК)

14-годишната Ангела Петрушевска од Скопје во јули ќе добие награда на Биеналето за деца уметници во Јапонија. Ангела својот цртеж на леопард, со кој победила на натпревар на основните училишта во земјава, го испратила на конкурсот за 20. Канагава биенале. Пред неколку недели добила писмо дека нејзиниот цртеж е избран меѓу учесниците и е награден. На конкурсот стигнале 23.826 цртежи од 92 држави.

„Многу сум среќна. Од кога знам за себе, држам молив во рака и цртам. Најмногу сакам да цртам животни и природа. Затоа решив и за натпреварот во Јапонија да нацртам леопард. Секој ден цртам и покрај обврските во училиште и се надевам дека еден ден ќе ме препознаваат по мојата уметност. Сега подготвувам цртеж за натпревар во Мексико“, вели Ангела, која е осмо одделение во основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

„Од кога знам за себе, држам молив во рака и цртам. Најмногу сакам да цртам животни и природа“, вели Ангела (Фото: СМАРТ СДК.МК)

За да учествува на Биеналето, идејата дошла од нејзината наставничка по ликовно воспитување Соња Поповска-Трајковска.

„Информации за конкурсот добивме преку професорката по јапонски јазик на мојата ќерка. Ангела беше дел од тимот кој твореше за Биеналето во Јапонија. Учествувавме со десет ликовни творби, изработени од десет ученици од нашето училиште. Тие беа работени во различни техники на слободна тема, според пропозициите дадени од организаторот на Биеналето. Бевме пресреќни што творбата на Ангела е избрана и наградена“, вели Поповска-Трајковска.

Цртежи на 14-годишната Ангела (Фото: Инстаграм)

Таа додава дека откако почнала да ѝ предава на Ангела, веднаш го забележала нејзиниот талент.

„Почнавме многу срамежливо да соработуваме и на проекти надвор од програмата по ликовно и неизбежно се редеа и се редат успеси и постигнувања на ликовни конкурси кај нас и надвор од државата. Ангела создава неверојатни цртежи. Линијата ја владее беспрекорно и со леснотија. Природно ја нанесува на површината за цртање, го владее просторот и композициски ги организира ликовните елементи, со кои го доловува мотивот што го обработува. Таа многу природно, оригинално и креативно се изразува“, вели наставничката Соња Поповска-Трајковска.

Осмоодделенката Ангела е и стрип цртач, а го владее и компјутерското творење. Таа ќе биде дел од стрип тим кој ќе учествува на манифестацијата „Скопје креатива“.

А. АНТЕВСКА