Хит-серијата „Живи мртовци“ ја очекува огромна промена по завршувањето на наредната, деветта сезона, бидејќи останува без својата најголема ѕвезда Ендрју Линколн.
Британскиот актер, кој го игра шерифот Рик Грајмс од првите денови на серијата во 2010 година, ќе се појави само во шест епизоди од следната сезона, по што како главен лик ќе биде промовиран Дерил Диксон (Норман Ридус), кој воопшто го нема во стрипот.
Линколн сѐ уште не ја потврдил оваа информација, но сајтот „Колајдер“ пишува дека неговиот лик нема да умре, туку дека ќе си замине до крајот на сезоната.
„Живи мртовци“ е адаптација на истоимениот мегапопуларен стрип на Роберт Киркман, но серијата се соочува со значителен пад на гледаноста во последните неколку години.
Минатата сезона, од серијата беше тргнат и Чендлер Ригс, кој осум сезони го играше Карл, синот на Рик, додека Лени Џејмс беше префрлен во другата серија со иста тематика, „Страв од живите мртовци“. На тој начин, од оригиналните ликови останаа само Керол (Мелиса Мекбрајд) и Дерил, на кого, наводно, му било понудено големо покачување на платата за да стане главен херој.