„Епл“ денеска му се придружува на брзорастечкиот глобален стриминг бизнис со лансирањето на „Епл ТВ+“, кој во првата година ќе биде бесплатен за сите кои поседуваат нови „епл“ уреди.

Тој од денеска ќе биде достапен во 100 држави и „Епл“ во наредните години планира да вложи шест милијарди долари во оригинални содржини. Тоа изгледа малку во споредба со конкурентите „Нетфликс“ и „Амазон“, кои заедно трошат 20 милијарди долари годишно, но целта на технолошкиот гигант е да биде престижен бренд.

Прв голем хит на „Епл ТВ+“ треба да биде „Утринско шоу“, прва серија на Џенифер Анистон од „Пријатели“, која денеска има светска премиера. „Епл“ плати 240 милиони долари за две сезони од серијата, во која играат и Риз Витерспун и Стив Карел.

Потенцијалниот пазар на „Епл ТВ+“ е огромен, имајќи предвид дека низ светот се користат 900 милиони „ајфони“ и 500 милиони други уреди на компанијата.