СИНЕДЕЈС ОДБЕЛЕЖУВА 50 ГОДИНИ „МОНТИ ПАЈТОН“, МЕНАЏЕРОТ СТИВ АБОТ ЌЕ ПРИМИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Јубилејот 50 години „Монти Пајтон“ ќе биде одбележан на 18. издание на фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, што ќе се одржува од 7 до 15 ноември.

Абот беше менаџер на „Монти Пајтон“ од 1979 до 1997

Во рамките на посебен настан насловен „Оф Синедејс“ ќе бидат прикажани петте филмови што ги има снимено легендарната британска група, а како специјален гостин ќе се појави Стив Абот, нејзин долгогодишен соработник, продуцент и менаџер.

Абот, кој беше менаџер на „Монти Пајтон“ од 1979 до 1997 година, ќе прими награда за животно дело и ќе одржи мастерклас.

„Кога ‘Летечкиот циркус‘ првпат беше прикажан на Би-Би-Си во 1969 година, веднаш станав фан. Тогаш не можев ни да замислам дека би можел да ги запознаам, а камоли работам со моите херои. Иако студирав математика на Камбриџ, имав амбиции да работам во филмската индустрија. Во 1979 се вработив во „HandMade Films“, компанија основана од Џорџ Харисон за да се сними ‘Животот на Брајан‘. Во текот на овие 40 години имам работено со некои или со сите монти пајтонци“, вели Абот.

Мајкл Пејлин, Џон Клиз, Ерик Ајдл, Тери Џонс, Тери Гилијам и сега покојниот Грем Чепмен, обединети во „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, засекогаш го променија светот на комедијата со својот надреален хумор кога првпат се појавија на британската телевизија на 5 октомври 1969.

Г. КОНЕВ