„Бугати“ го претстави новиот најскап автомобил на светот. Неговото име е „ла воатур ноар“ и произведен е само во еден примерок, како посвета на легендарниот модел на Жан Бугати, „тајп 57 СЦ атлантик“.

Цената на „ла воатур ноар“, без даноци, е 11 милион евра и тој веќе е продаден. Името на сопственикот не е објавено, освен дека станува збор за ентузијаст по „бугати“. Претседателот на компанијата Штефан Винкелман кажа дека тој бил продаден за вкупна цена од 16,5 милиони евра.

Луксузниот автобренд со недели на Фејсбук го навестуваше автомобилот, проследено со серија видеа за создавањето на оригиналниот „атлантик“, од кој на крајот беа произведени само четири примероци.

Со рачно изработената шасија од јаглеродни влакна, „ла воатур ноар“ го следи примерот на „диво“, но ексклузивноста е крената на едно повисоко ниво. Тој го користи истиот квадтурбо В16 8.0-литарски мотор со 1.500 коњски сили како „широн“, „широн спорт“ и „диво“.

„Бугати“ не ја покажа внатрешноста на автомобилот на претставувањето на Автосаемот во Женева.