„КОЈ Е АМЕРИКА?“ – САРА ПЕЈЛИН НАСЕДНАЛА НА ИНТЕРВЈУ СО ЛАЖНИОТ ВОЕН ИНВАЛИД САША БАРОН КОЕН

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Поранешната кандидатка за потпретседател на САД, Сара Пејлин, призна дека била измамена од Саша Барон Коен, кој ѝ правел интервју преправен во воен инвалид.

Ова е дел од новата сатирична серија, што контроверзниот британски комичар тајно ја снимал, а која наскоро ќе почне да се емитува. Во понеделникот беше објавено дека серијата насловена „Кој е Америка?“ ќе истражува „различни поединци од американскиот политички и културен живот“.

„Да, успеа да ме наместиш! Дали сега се чувствуваш подобро, Саша? Се придружив на долга листа американски јавни личности кои станаа жртви на лошиот и болен хумор на британскиот ‘комичар‘ Саша Барон Коен, спонзориран од Си-Би-Ес и ‘Шоутајм‘“, напиша Пејлин на Фејсбук.

Поранешната гувернерка на Алјаска вели дека добила покана да учествува во „легитимен историски документарец“.

„Барон Коен успеа добро да се маскира во воен ветеран, сосе лажна инвалидска количка. Она што мислев дека ќе биде сериозна дискусија се претвори во долго ‘интервју‘, полно со холивудски сарказам и непочитување и во еден момент ми дојде многу и си заминав“, вели Пејлин.

„Кој е Америка?“ ќе има премиера в недела и „Шоутајм“ најави дека „тоа ќе биде Коен каков што досега не е виден“.