„НЕТФЛИКС“ ГО ОТПУШТИ КЕВИН СПЕЈСИ ОД СЕРИЈАТА „КУЌА ОД КАРТИ“

Лос Анџелес, (Гардијан)

Компанијата „Нетфликс“ објави дека ја прекинува соработката со Кевин Спејси, како што се зголемува бројот на обвинувањата за сексуални напади и за сексуално вознемирување против него.

Со тоа, двократниот оскаровец беше отпуштен од хит-серијата „Куќа од карти“, а „Нетфликс“ нема да го објави ни „Гор“, филмот за американскиот писател Гор Видал, во којшто тој беше продуцент и главен актер.

Продукцијата на шестата, последна сезона на серијата е во прекин од пред неколку дена.

„‘Нетфликс‘ нема да биде вмешан во каква било продукција на ‘Куќа од карти‘ што го вклучува Кевин Спејси. Ние ќе продолжиме да работиме со компанијата ‘Медија рајтс капитал‘ за време на оваа пауза, за да видиме што да правиме со серијата во иднина“, соопшти компанијата.

Кевин Спејси јавно се извини, откако актерот Ентони Рап откри дека пред повеќе од 30 години, тој се обидел да го заведе на една забава, кога имал само 14 години. Потоа се појавија и неколку други слични обвинувања против Спејси.