Српскиот актер Никола Ѓуричко, ѕвездата на „Игра на тронови“ Том Влашиха и иконата на хорор филмовите Роберт Ингланд ќе бидат дел од четвртата сезона на „Чудни нешта“ (Stranger Things), една од најпопуларните серии на „Нетфликс“.
Деталите за новата сезона сѐ уште се чуваат во тајност, иако прв краток трејлер беше објавен уште во февруари и тој покажа дека Хопер (Дејвид Харбор) ги преживеал настаните од финалето на третата сезона и го држат како заробеник во Советски Сојуз. Токму Ѓуричко и Влашиха се два нови руски лика во серијата.
„Јури е непредвидлив руски шверцер, кој сака црн хумор, пари и путер од кикиритки. Не смеам да откријам никакви други детали, дури ни на мајка ми“, изјави Ѓуричко.
Ингланд, кој се прослави со улогата на Фреди Кругер, ќе биде Виктор Крил, проблематичен и застрашувачки човек кој е затворен во психијатриска болница за ужасно убиство од 1950-ите.
Новата сезона, која треба да биде претпоследна, ќе излезе следната година.