Нов Зеланд повторно ќе се претвори во Средна земја, откако „Амазон“ потврди дека таму ќе ја снима новата серија „Господар на прстените“. Државата каде што Питер Џексон ги сними своите филмски трилогии „Господар на прстените“ и „Хобит“ ја победи Шкотска во изборот на локација за снимање на серијата за која се вели дека ќе биде најскапа на сите времиња.

Со буџет од најмалку една милијарда долари, снимањето треба да почне во наредните месеци и ќе се одвива на три локации во Окленд.

„Амазон“ ги откупи правата за снимање на ТВ-серија пред две години и соопшти дека новата адаптација ќе истражи приказни кои му претходат на класикот на Џ. Р. Р. Толкин, „Братството на прстенот“. Ова е голема победа за филмската индустрија на Нов Зеланд и за тамошната влада, која беше директно вклучена во преговорите со „Амазон“.

„Овој проект ќе донесе низа придобивки, како нови работни места и значителни прекуморски инвестиции“, изјави министерот за економски развој Фил Твифорд.

Снимена во почетокот на овој век, трилогијата „Господар на прстените“ заработи вкупно три милијарди долари и освои голем број оскари. Заедно со трилогијата „Хобит“, таа предизвика и туристички бум во Нов Зеланд, која ја присвои Средна земја како дел од својот културен идентитет.