На 4 ноември на првиот канал на Македонската радиотелевизија (МРТ) ќе почнат да се прикажуваат 30 нови епизоди од детското музичко-забавно шоу „Дајте музика“. Серијалот се работи како копродукција на МРТ и продукцијата „Рифенштал“, Цаци Паковска е авторка и продуцентка, а режисер е Марко Ѓоковиќ. Учествуваат 40-ина деца актери, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел дојдоа преку јавниот повик за млади таленти.
Реализацијата на продолжението на проектот „Дајте музика 2020“ започна откако Комисијата за заразни болести го одобри протоколот за работа, а се следеа и препораките на Асоцијацијата на европски филмски агенции, како и прописите на Законот за безбедност и заштита при работа.
Од продукцијата велат дека сите учесници биле тестирани за ковид-19 и согласно препораките, уредно се придржувале кон мерките за изолација за целото времетраење на снимањата.

„Предизвикот беше огромен! Од една страна, имавме проект кој за неполна година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25.000 претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба за работа. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме“, вели Паковска.
Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спотови, од кои 19 се снимени на надворешни локации.