Епската приказна на „Игра на тронови“ ќе заврши во 2019 година, но фановите потоа ќе добијат уште од фантастичниот свет базиран врз романите на Џорџ Р. Р. Мартин. Во план се пет нови серии, чие дејството ќе се случува во времето пред оригиналната серија и Ејч-Би-О најавува дека тие ќе имаат и значително поголем буџет од сегашниот.
„Педесет милиони долари по сезона не се доволни за она што сакаме да го постигнеме. Овојпат одиме на големо“, кажа потпретседателката на драмскиот оддел на Ејч-Би-О, Франческа Орси.
Таа додаде дека мрежата планира „три, четири, пет нови серии“.
Извршниот директор на Ејч-Би-О, Ричард Плеплер, ги пофали идеите и талентот, вклучени во овие проекти.
„Мислам дека со вака срамно големо богатство ќе создадеме нешто возбудливо, што ќе нѐ движи напред. Имаме фантастична група на талентирани писатели, од кои повеќето веќе имаат живеено во екосистемот на ‘Тронови‘ и добро се запознати со сите интриги“, изјави Плеплер.
Магазинот „Вараети“ има добиено потврда дека во подготовка се пет нови серии.
„Ниту една од новите серии нема да биде класичен спиноф на ‘Игра на тронови‘. Не зборуваме за ‘Џои‘ или за ‘Фрејзер‘, кога ликови продолжуваат од една во друга серија. Секој од концептите што се разработуваат се случуваат порано, не се продолжение. Тие, можеби, и нема да се случуваат во Вестерос“, вели авторот Џорџ Р. Р. Мартин, не откривајќи никакви детали од приказните.