ПОСЛЕДНИТЕ ЕПИЗОДИ НА „ВИКИНЗИ“ ЌЕ БИДАТ ОБЈАВЕНИ НА 30 ДЕКЕМВРИ

Лос Анџелес, (НМЕ)

Последните епизоди од серијата „Викинзи“ одеднаш ќе бидат пуштени на крајот на годината. Претходно беше објавено дека серијата ќе заврши со шестата сезона, чии последни десет епизоди ќе се најдат во програмата на стриминг платформата „Амазон прајм“ од 30 декември.

„Нашата монументална сага за викинзите доаѓа до свој заклучок. Подгответе се да бидете воодушевени и за многу изненадувања попат. Бидете подготвени и да пуштите некоја солза“, изјави креаторот на серијата Мајкл Хрст.

„Викинзи“ се покажа голем хит за телевизијата „Хистори“, кога почна да ја раскажува приказната за легендарниот воин Рагнар Лодброк во 2013 година. Првите 10 епизоди од шестата сезона се прикажаа од декември 2019 до февруари годинава.