„ПРИЈАТЕЛИ: ОБЕДИНУВАЊЕ“ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА ОВОЈ МЕСЕЦ И ЌЕ СЕ ПОЈАВАТ БРОЈНИ СЛАВНИ ГОСТИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Долгоочекуваната повратничка епизода на „Пријатели“ конечно доби трејлер и датум на излегување, по долги одложувања поради пандемијата на коронавирусот. „Пријатели: Обединување“ ќе биде достапна на стриминг сервисот „Ејч-Би-О макс“ од 27 мај, откако оригиналната актерска постава конечно ја сними епизодата минатиот месец во Лос Анџелес.

Освен Метју Пери, Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет ЛеБланк и Дејвид Швимер, во специјалната епизода ќе се појават и Риз Витерспун, Том Селек, како и Елиот Гулд и Кристина Пиклс, кои во серијата ги играа родителите на Рос и Моника. Меѓу славните личности кои ќе гостуваат се Леди Гага, Дејвид Бекам, Џејмс Корден, Џастин Бибер, Кит Харингтон и корејската поп група „БТС“.

„Пријатели“ е еден од најголемите ситкоми на сите времиња и иако оригинално престана да се емитува во 2004 година по десет сезони, тој доби нова генерација фанови благодарение на честите репризи и „Нетфликс“.