„ТЕСЛА“ СЕ ОТКАЖА ОД ПЛАЌАЊА ВО БИТКОИНИ ЗАШТО СЕ ШТЕТНИ ПО ОКОЛИНАТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Илон Маск објави дека неговата компанија „Тесла“ веќе нема да прима биткоини како средство на плаќање поради грижите околу климатските промени. Ова придонесе вредноста на оваа криптовалута да падне за 10%.

„Тесла“ во март објави дека прифаќа купување на нејзини автомобили со биткоини, откако претходно ги купи во вредност од 1,5 милијарди долари. Маск сега ја повлече оваа одлука, која наиде на револт кај некои екологисти.

„Ние сме загрижени поради зголемената употреба на фосилните горива, првенствено јаглен, за копање и трансакции на биткоини. Криптовалутите се добра идеја, но доаѓаат со голема цена по околината“, напиша Маск на Твитер.

Биткоин се креира од „рудари“ кои користат моќни компјутери за да се натпреваруваат меѓусебно во решавањето на сложени математички загатки. Тоа е енергетски интензивен процес, кој се потпира на струја што се добива од фосилни горива.