И СЕРИЈАТА „ТРАНСПАРЕНТНО“ ОСТАНУВА БЕЗ ГЛАВНАТА ЅВЕЗДА ПО ОБВИНУВАЊАТА ЗА СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

По „Куќа од карти“, уште една хит-серија останува без својата главна ѕвезда поради обвинувања за сексулано вознемирување.

Наградуваниот актер Џефри Тамбор објави дека нема да се врати во серијата „Транспарентно“, каде што четири сезони играше лик на трансродова жена.

„Играњето на Мора Феферман беше една од најголемите привилегии и креативни искуства во мојот живот. Она што стана јасно изминативе недели е дека тоа веќе не е работа што ја добив пред четири години. Не гледам како е можно да се вратам во серијата. Јас веќе се извинив ако некое мое однесување било погрешно протолкувано од некои како агресивно, но тврдењето дека некого намерно сум вознемирувал е едноставно неточно“, изјави 73-годишниот Тамбор.

Тој беше обвинет за недолично однесување од две трансродови жени кои работеа на серијата на „Амазон“.

Тамбор доби Златен глобус и две награди Еми за „Транспарентно“ во последните три години.