ТВ-СЕРИЈАТА „ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ“ ЌЕ СЕ СЛУЧУВА ПРЕД ТРИЛОГИЈАТА НА ПИТЕР ЏЕКСОН

Лос Анџелес, (Индипендент)

„Амазон“ објави дека дејството на претстојната ТВ-серија „Господар на прстените“ ќе се случува пред настаните од трилогијата на режисерот Питер Џексон. Стриминг сервисот ќе ги адаптира книгите на Џ. Р. Р. Толкин од Втората ера, додека филмската верзија се случува во Третата ера.

Официјалниот профил на „Господар на прстените“ на Твитер ги објави новите информации, заедно со мапа од Средната Земја. Втората ера го опфаќа периодот од 3441 година. За ова време, Саурон го направил Прстенот на моќта и таа завршува со неговиот пораз од кралот на Гондор, Исилдур, кој се појави во филмовите на Џексон.

Филмовите оскаровци „Дружината на прстенот“ (2001), „Двете кули“ (2002) и „Враќањето на кралот“ (2003) се фокусираа на херојските напори да се уништат прстенот и неговиот креатор.

Сѐ уште не се објавени кастингот и екипата на серијата.