НОВАТА СЕЗОНА НА „ВОВЕД ВО АНАТОМИЈА“ ЌЕ ГО ВКЛУЧИ И КОВИД-19

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Ковид-19 доаѓа и во меморијалната болница „Греј Слоун“. Продуцентите на серијата „Вовед во анатомија“ потврдија дека во новата, 17. сезона ќе бидат вклучени и актуелните настани од пандемијата на коронавирусот.

„Дефинитивно ќе се осврнеме на сегашната пандемија. Ние сме една од најдолговечните медицински серии и нема шанси да ја немаме главната медицинска приказна од нашите животи“, изјави извршната продуцентка Криста Верноф.

Таа кажа дека сценаристите се сретнале со вистински лекари, кои ги споделиле своите искуства со ковид-19.

„Секоја година имаме лекари кои ни ги раскажуваат своите приказни и тоа најчесто се нивните најсмешни и најлуди приказни. Оваа година, тоа беше повеќе како терапија. Тие буквално се тресеа и едвај ги задржуваа солзите, зборувајќи за војна за која не биле подготвени“, вели Верноф.

Снимањето на 17. сезона сѐ уште не е почнато, но сценаристите веќе ги креираат приказните.