Првпат по три децении, нема да има водител на церемонијата на доделување Оскари, пренесуваат американските медиуми.

Според „Вараети“, на најважниот филмски настан на светот, што ќе се одржи на 24 февруари, категориите ќе ги претставуваат филмски ѕвезди. Ова може да се промени ако Академијата за филмска уметност и наука во последен момент најде познат водител.

Одлуката доаѓа еден месец откако американскиот актер и комичар Кевин Харт се повлече од водителската улога, откако беа објавени негови стари хомофобични твитови. Тој беше најавен за водител на 91. Оскари три дена претходно. Иако имаше шпекулации дека ќе се врати, Харт деновиве официјално соопшти дека нема да ги води Оскарите.

Оскарите само еднаш досега немале водител, во 1989 година.