„ЖИВИ МРТОВЦИ“ ДОБИВА ФИЛМСКИ ВЕРЗИИ СО ЕНДРЈУ ЛИНКОЛН ВО ГЛАВНА УЛОГА

Њујорк, (Вараети)

Фановите низ цел свет се подготвуваат да се збогуваат со шерифот Рик Грајмс, но Ендрју Линколн, сепак, ќе остане дел од универзумот „Живи мртовци“.

Британскиот актер заминува од серијата за зомби апокалипсата среде деветтата сезона, но легендарниот лик ќе продолжи да живее низ неколку филмови, што ќе се снимаат за ТВ-мрежата Еј-Ем-Си. Продукцијата на првиот филм треба да почне во текот на наредната година.

„Имаме големи планови за еден од најлегендарните ликови во историјата на телевизијата. Овие филмови ќе бидат голема еволуција во однос на она што го правиме во серијата. Ќе се прикажат досега невидени светови од ‘Живи мрртовци‘, познати лица од минатото, како и некои нови, за кои се надеваме дека ќе станат омилени“, изјави сценаристот Скот Гимпл.

Иако Рик Грајмс е сѐ уште жив во стрипот врз кој се базира серијата, нејзините автори решија да направат голем пресврт и планирано е тој да се појави во само шест епизоди од новата сезона.