ВАКВИ ПОБЕДИ ТЕ ПРАВАТ БЕСМРТЕН, КАЖА МУРИЊО ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА ПЕТТИОТ ЕВРОПСКИ ТРОФЕЈ

Рим, (Би-Би-Си)

Жозе Мурињо оствари и поголеми успеси во својата блескава кариера, но триумфот на Рома во првото издание на Лигата на конференции го доведе до солзи, откако му го донесе првиот еврoпски трофеј на римскиот клуб по 61 година пауза и покажа дека сè уште не е за отпишување.

Мурињо стана првиот тренер кој ги освоил Лигата на шампионите (2004 со Порто и 2010 со Интер), Купот на УЕФА/Лига Европа (2003 со Порто и 2017 со Манчестер јунајтед) и Лигата на конференции (2022 со Рома), славејќи во сите свои пет европски финалиња.

Ова е вкупно 26. трофеј во тренерската кариера на Мурињо, но прв по пет години пауза. Тој дојде во Рома во мај минатата година со задача да го обнови тимот по разочарувачкото седмо место во Серија А во сезоната 2020/21.

Она што ја прави мојата кариера посебна е што постигнав нешто со екипи како Порто, Интер и Рома. Едно е да победуваш кога сите го очекуваат тоа, кога многу инвестираш за да победиш, а сосема друго е кога некоја победа те прави бесмртен. Тоа е навистина посебно. Ова останува во историјата на Рома, но и во мојата. Ми кажаа дека само Алекс Фергусон и Џовани Трапатони освоиле трофеи во три различни децении, поради што се чувствувам малку стар, но и убаво“, кажа Мурињо.