Вејн Руни е именуван за тренер на англискиот второлигаш Дерби каунти, што означи крај на неговата играчка кариера. Триесет и петгодишниот Руни беше привремен тренер на екипата од ноември, кога Филип Коку доби отказ, а сега потпиша две и полгодишен договор.
„Голема чест е да се оди по стапките на Брајан Клаф, Френк Лампард и Филип Коку. Ветувам дека ќе дадам сѐ од себе за да го остварам потенцијалот на екипата на кој сведочев во изминатите 12 месеци“, изјави Руни.
Руни, кој потекнува од школата на Евертон, за потоа да направи голема кариера во Манчестер јунајтед, му се придружи на Дерби во јануари 2020, откако пред тоа, две години играше во САД.
Тој одигра 120 натпревари во дресот на Англија, а првиот од 53-те голови го постигна против Македонија во Скопје во 2004. Тогаш имаше 17 години и 317 денови, што го направи најмлад стрелец во историјата на англиската репрезентација.