ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР СО „ЕДВАРД ВТОРИ“ НА ФЕСТИВАЛОТ МЕСС ВО САРАЕВО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерв (6 октомври) од 19:30 чaсот на сцената на Народно позориште Сараево, настап во официјална конкуренција на Меѓународниот фестивал на малите и експериментални сцени во Сараево, МЕСС, ќе има Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константиов Џинот“ со претставата „Едвард Втори“. Работена е по текст на Кристофер Марлоу, драматизација на Сашо Димоски, а режијата е на Украинецот Андреј Жолдак. Претставата „Едвард Втори“ е копродукција, дел од меѓународен проект со Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија насловен „Манифест“. Премиерата беше лани на Охридско лето на 6 август.

Организаторот на Меѓународниот фестивал  во Сараево, претставата ја најавува како „поп-арт уметност својствен за физичкиот театар, во која авторите се поигруваат со различни жанрови, посебно со крими-трилерот“.

Во официјалната програма на фестивалот се 11 претстави, три од БиХ и осум од светот, Италија, Франција, Либан, Албанија, Хрватска, три се копродукции: швајцарско-палестинска, македонско-бугарска и српско-словенечка.

П. ПЕЧКОВ