ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА ДОЛГА 230 КИЛОМЕТРИ ВО ПОЛСКА СТАНУВА ХИТ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ТУРИСТИ

Полска, (Би-Би-Си)

Додека дестинациите како Холандија, Белгија и Данска обично ја добиваат сета слава на велосипедизмот во Европа, посветеноста на Полска кон изградбата на ефикасни велосипедски рути, ја направи лидер во овој вид патувања.

„Вело Балтика“, позната и како патека Р-10, е славна рута што се протега на повеќе од 230 километри во полскиот регион на Западното померанско војводство и станува хит за европските туристи. Додека ја возат, велосипедистите гледаат романтични ветерници, широко пространство на Балтичкото Море, историски градови и напуштени тврдини на патот.
Патеката е идеална за бавно возење, поради пејзажите во кои уживаат велосипедистите. Маршрутата поминува покрај националниот парк Волин со резерват за бизони и највисоките крајбрежни карпи во Полска. По пат, можат да се посетуват урнатините на средновековна готска црква на карпа во близина на плажата во Тржесач, додека платформата за набљудување на 45 метри високиот светилник Нихорзе служи како совршена гледна точка над балтичките дини.

Карактеристични за полските плажи се ветроварите, за заштита од силните ветрови (Фото: Гети)

Маршрутата има речиси непрекината велосипедска лента со знаци и различни содржини, вклучувајќи станици за одмор, пунктови за поправка за самопослужување и туристички информативни пултови. Има многу капацитети за сместување на патот за секој буџет.
Патеката е отворена во текот на целата година, но доцна пролет е најдобриот избор поради тоа што има помалку гужва на плажите. Типичната балтичка плажа е огромна, песочна и ветровита. Во лето плажите се преполни со стотици туристи, главно од цела Полска. Карактеристични за полските плажи се ветроварите, за заштита од силните ветрови.