„Сјајни ѕвезди-бајки” е една од ретките книги која содржи ромска литература за деца во Европа. Книгата која беше промовирана во Битола има 32 приказни раскажани од ромското население од Македонија, Германија, Бугарија, Грција, Унгарија, Романија, Србија и Турција. Приказните се собрани преку усно раскажување, а објавени се на англиски јазик, официјалниот јазик и на најкористениот ромски дијалект во секоја од осумте држави.
Бидејќи ромскиот јазик долго време не бил пишан, приказните биле единственото средство за зачувување на историјата и вредностите. Денес, во ерата на дигитални медиуми и глобализација, постои реална опасност овие бајки да исчезнат доколку не се зачуваат и споделат со новите генерации.
„Се работи за зачувување на ромските култура, традиција и творештво. Ова е ретко дело во Европа. Ромските деца првпат ќе можат да ги читаат ромските приказни и на ромски дијалект, а оние кои не знаат да читаат ќе можат да им ги прочитаат родителите. На овој начин ќе влијаеме и на намалување на стереотипите и предрасудите зашто сите ќе ја запознаат ромската традиција“, рече Фатма Бајрам-Аземовска, координаторка на проектот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА