Ќерката на Михаел Шумахер, Џина, се омажи на ултраприватна церемонија на Мајорка и германскиот весник „Билд“ објави дека е „многу веројатно“ дека присуствувал и седумкратниот светски првак во Формула 1, кој не е виден во јавност од тешката скијачка несреќа пред речиси 11 години.
Семејството презело строги безбедносни мерки и се погрижило церемонијата да помине во врвна тајност.
Дваесет и седумгодишната Џина и нејзиното момче Ијан Бетке се венчаа во семејната вила на Шумахери во Пуерто де Андрач, купена во 2017 за 27 милиони евра. „Билд“ објави дека никој не смеел да снима неовластено, па гостите претходно морале да ги предадат своите мобилни телефони.
Меѓу гостите бил и братот на Михаел, Ралф Шумахер, кој пристигнал со својот партнер Етјен Боске-Касање.
Михаел Шумахер настрада во скијачка несреќа во декември 2013 и оттогаш ништо не се знае за неговата состојба. Покрај Џина, тој го има и синот Мик со сопругата Корина.
(Фото: Инстаграм)