Со настап на фолклорниот ансамбл „Бисери“ и изложба на дела од првата уметничка колонија одржана минатиот септември во оваа населба, синоќа во Трпејца по осми пат почна Културно-забавното лето „На зајдисонце“.
„Ваквите културни манифестации придонесуваат за збогатување на понудата што ова прекрасно место им ја нуди на посетителите и за негова поголема промоција”, рече претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
Вечерва во 20.30 часот ќе се отвори изложбата на цртежи кои под менторство на професорот Слободан Пупиноски вчера и денеска ги работат деца-летувалици и мештани. Потоа ќе следи концертот „40 години Охридски спомени“ со познатиот изведувач на шлагери и серенади Сефедин Бајрамов. Утре претпладне започнува втората работилница за театар на отворено со актерката Марија Новак.
Организатор на манифестацијата „На зајдисонце“ е здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“, со поддршка од Министерството за култура и Општина Охрид.
Д. ЧУБРИЌ