ЗБИРКАТА ПРИКАЗНИ „ЗАБРАНЕТА СОБА“ НА СИМОВА-КЛИНЧАРОВА МЕЃУ 200-ТЕ НАЈДОБРИ КНИГИ ЗА ДЕЦА ВО СВЕТОТ ЗА 2024

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Збирката страшни приказни „Забранета соба“ на Александра Симова-Клинчарова, со илустрации на Хари Дудески, издание на „Чудна шума“, е единствената книга од Македонија што е вклучена во листата „Бели гаврани“ (White Ravens) на 200-те најдобри книги од целиот свет за 2024.
Неколку дена пред почетокот на Саемот на книга во Франкфурт, кој се одржува од 16 до 20 октомври, се објавува каталогот „Бели гаврани“ и содржи листа од 200 најдобри книги за деца и млади за тековната година. Каталогот ќе биде промовиран на саемот, додека изложбата на 200-те најдобри книги за 2024 ќе се одржи следната година, на Саемот на книги за деца и млади во Болоња.
„Приказните навидум извираат од едно време одамна заборавено, закопано длабоко во сеќавањето. Посебна атракција, типична за фантастичните приказни, е фактот дека овие приказни остануваат незавршени. Тие им даваат на читателите само навестување за крајот и го оставаат отворено прашањето за тоа што се крие зад овие необични и фантастични феномени“, се вели во критиката на Катја Вибе од „Бели гаврани“.
Минатата година, во каталогот „Бели гаврани“ влезе книгата „Тигар на улица“ на Билјана С. Црвенковска, со илустрации на Катерина Николовска, исто во издание на „Чудна шума“.