ЖЕНА ЌЕ ГО СУДИ ЕВРОПСКИОТ СУПЕРКУП ЛИВЕРПУЛ-ЧЕЛЗИ

Нион, (Си-Ен-Ен)

Стефани Фрапар е првата жена која ќе суди финале на едно машко европско клупско натпреварување, откако УЕФА ја делегираше за главен судија на натпреварот од Суперкупот помеѓу Ливерпул и Челзи.

Триесет и петгодишната Французинка минатиот месец го судеше финалето на Светското првенство за жени.

Таа ќе предводи женска судиска тројка, во која уште ќе бидат Мануела Николози и Мишел О‘Нил, додека четврти судија ќе биде Турчинот Џунејт Чакир.

„Стефани во изминатите години се докажа како една од најдобрите фудбалски судијки, не само во Европа, туку и низ цел свет. Таа има способност да суди на најголемата сцена, што го докажа во финалето на Светското првенство за жени“, изјави шефот на судиите во УЕФА Роберто Розети.

Фрапар прво испиша историја во својата земја, кога во април го судеше натпреварот од француското првенство помеѓу Амијан и Стразбур.

Суперкупот на УЕФА се игра на 14 август во Истанбул.