Ѕвездата на „Игра на тронови“ Софи Тарнер е бремена со првото дете. Дваесет и тригодишната британска актерка се омажи за Џо Џонас (30), пејач во групата „Џонас брадрс“, лани во мај во Лас Вегас, а подоцна во Франција имаа свадба и за најблиските. Тие ја почнаа врската во ноември 2016 и една година подоцна се свршија.

Веста за порталот „JustJared“ ја потврдиле повеќе извори блиски на двојката, но нивните портпароли сѐ уште не дале никаков коментар.

Тарнер во интервју за „Ролинг стоун“ во март изјави дека никогаш не мислела дека ќе се омажи во рани 20-ти години сѐ додека не го запознала Џо.

„Џо ме прави многу среќна. Денес сум среќна бидејќи сум вљубена во човек кој ме сака повеќе отколку што се сака себеси“, изјави глумицата.

Тарнер стекна светска слава со улогата на Санса Старк, еден од главните ликови во најнаградуваната серија на сите времиња, а потоа играше и во филмскиот серијал „Икс-Мен“.