ДИЗНИЛЕНД ОТВОРИ СПЕЦИЈАЛЕН ПАРК СО СУПЕРХЕРОИТЕ НА МАРВЕЛ

Париз, (АП)

Хеликоптери, ултрамодерни автомобили и специјални полициски тимови го најавија отворањето на првата сезона на специјалниот тематски парк „Одмаздници“ во париски Дизниленд.

Суперхероите пристигнаа на отворањето со чад, хеликоптери и специјални ултрамодерни возила (Фото: АП)

Паркот со суперхероите на Марвел е направен за 2,5 милијарди долари, следејќи ги потезите со слични паркови во Дизниленд во Калифорнија и во Хонг Конг.

„Среќни сме што Одмаздниците за првпат се собраа во Париз“, рече директорката на европскиот Дизниленд, Катерина Пауел.

„Тие се тука за да ги изненадат посетителите со неверојатна акција и со неверојатни специјални ефекти”, додаде таа.

Ајронмен е еден од марвеловите суперхерои кои ја забавуваат публиката (Фото: АП)

Компанијата „Дизни“ соопшти дека преуредувањето на паркот „Волт Дизни студиос”, еден од двата тематски паркови што го сочинуваат Дизниленд во Париз, ќе се одвива во фази, почнувајќи од 2020 година.

Тоа вклучува три нови области врз основа на суперхероите на Марвел, како и според франшизите „Ледено кралство“ и „Војна на ѕвездите“.